Сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, дефинитивно пресече и реши да му даде отказ на Ергин Атаман. Турскиот стратег го водеше атинскиот гигант три години, но бидејќи оваа сезона не исполни ниту една од главните цели, разделбата беше неизбежна. Поразот во финалето на грчкото првенство и раното испаѓање во плејофот на Евролигата на крајот го чинеа работа искусниот тренер.
Приказната на Атаман во Атина почна одлично бидејќи во првата сезона ја освои Евролигата, во втората го одведе тимот на Фајнал-фор, но во оваа трета година Панатинаикос под негова команда доживеа елиминација од Валенсија уште во плејофот. Ова беше огромен удар ако се земе предвид дека завршниот турнир од Евролигата сезонава се играше токму во нивната сала „ОАКА“. Самиот Атаман уште во текот на сезоната најави дека сам ќе си замине ако не стигне до завршниот турнир или ако не ја освои домашната титула, па затоа овој отказ е сосема логичен след на настаните.
За работите да бидат уште полоши за Панатинаикос, нивниот најголем ривал Олимпијакос го крена европскиот пехар среде „ОАКА“, а потоа ги совлада и во финалето на домашното првенство. ПАО годинава успеа да го освои само Купот на Грција, што е премалку за амбициите на клубот. Атаман ја завршува тригодишната ера со два купа, една домашна титула и Евролигата во 2024 година, а неговиот престој дефинитивно ќе се памети и по честите драми, инциденти на натпреварите и бурни изјави на прес-конференциите.
Грчките медиуми веќе наголемо пишуваат за неговиот наследник, а на врвот на желбите е легендарниот Жељко Обрадовиќ. Спортските портали во Атина тврдат дека раководството на клубот не се шегува и дека Обрадовиќ е прв пик на Јанакопулос, па наводно е само прашање на време кога ќе започнат официјалните преговори за негово враќање на клупата на Панатинаикос.

