Други спортови Останато

Ѓоргиев се враќа, Македонија подготвена за најважните два меча

Македонската одбојкарска репрезентација ги завршува подготовките за најважните натпревари во досегашниот дел од турнирот. По дуелот со фаворизираната Полска, избраниците на селекторот се целосно фокусирани на пресметките со Португалија и Израел, кои се на програмата во следните два дена. Нашите одбојкари денеска го одработија последниот утрински тренинг во „Арена Софија“, каде што ги доработуваа тактичките детали и планот за игра пред двата натпревари кои можат да имаат големо значење за пласманот во следната фаза.

Иако Полска се покажа како преголем предизвик во претходниот натпревар, поразот веќе е ставен зад македонскиот тим. Во репрезентативниот табор владее позитивна атмосфера, а дополнителна причина за оптимизам пристигна од медицинскиот тим. Капитенот Никола Ѓоргиев повторно е во комбинација за настап. Искусниот коректор не играше против Полска поради полесна повреда на грбот, но сега е подготвен да им помогне на соиграчите во клучниот период од натпреварувањето.

Неговото присуство претставува значаен плус за Македонија, не само поради квалитетот на теренот, туку и поради лидерската улога што ја има во репрезентацијата. Токму искуството на Ѓоргиев може да биде особено важно во дуелите во кои секој сет и секој поен може да има голема тежина. Пред „спартанците“ се два предизвици во краток временски период. Прво следува Португалија, а веднаш потоа и Израел. Македонската репрезентација знае дека добрите резултати во овие натпревари можат значително да ја подобрат нејзината позиција и да го отворат патот кон следната фаза.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.