Англиската фудбалска репрезентација вечерва од 22:00 часот го игра својот прв контролен натпревар против Нов Зеланд во Тампа. Овој дуел е дел од клучните подготовки пред почетокот на Светското првенство. Изборот на Флорида за тренинг база е стратешки потег на селекторот Томас Тухел. Експертите очекуваат ова да биде најтоплиот Мундијал по оној во 1994 година. Поради тоа, Англичаните пристигнаа порано за побрза аклиматизација. Мечот ќе се одигра на екстремни 32 степени и влажност на воздухот од дури 79 проценти.
Бидејќи Англија е дел од последната група Л, стручниот штаб има дополнителен простор за воигрување. Против Нов Зеланд, Тухел планира да искористи два различни состави во двете полувремиња за да го распредели товарот. Германецот изрази мала загриженост за состојбата на тревната подлога, но потенцираше дека е целосно мирен за физичката подготвеност на Хари Кејн. Капитенот е во врвна форма и одлично го поднесува високиот интензитет по напорната сезона во Баерн Минхен. Иако на располагање ги има Оли Воткинс и Иван Тони, Кејн останува прв избор во нападот. Следниот тест за Англичаните е на 10 јуни против Костарика во Орландо.
За Нов Зеланд ова е историска шанса, бидејќи со Англија немаат играно повеќе од три децении. Островската селекција се наоѓа во групата Ф заедно со Белгија, Иран и Египет. Нивниот предводник Дарен Бејзли нагласи дека неговите фудбалери се мотивирани да се докажат против четвртопласираната репрезентација на ФИФА-листата. Искусниот напаѓач на Нотингем Форест, Крис Вуд, порача дека противниците се само луѓе и дека неговиот тим мудро ќе ги казни сите нивни пропусти.

