Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Горд сум на „Бафана Бафана“, но за модерен фудбал ни фалат сила и брзина!

Репрезентацијата на Јужна Африка не успеа да најде лек за одбраната на Канада, а примениот гол во судиското продолжение дефинитивно ги спакува нивните куфери уште на самиот старт од елиминациската фаза на Светското првенство. И покрај болниот пораз, селекторот на африканската селекција, Уго Брос, не очајува премногу и смета дека неговиот тим покажал достоинствен отпор на овој Мундијал.

Белгискиот стратег отворено и без ракавици ги лоцираше проблемите во играта на својот состав, потенцирајќи дека разликата во физичката подготвеност го решила патникот во осминафиналето. Според него, техниката веќе не е пресуден фактор на големата сцена доколку тимот заостанува во атлетските перформанси.

„Мора да бидеме искрени и да признаеме дека загубивме бидејќи на нашата екипа ѝ недостигаа моќ, сила и брзина. Кога ќе се споредиме со Канада, очигледно е дека изгубивме премногу клучни дуели. Брзината на нашата игра, и тука не мислам само на трчањето, туку и на брзината на пренос на топката и донесувањето одлуки, едноставно не беше на потребното ниво.

Тоа се елементи на кои мора сериозно да работиме во иднина. Ова го имам повторено безброј пати во Јужна Африка, но се чини дека никој не ме слуша. Модерниот фудбал одамна е многу повеќе од чиста техника, денес силата и динамиката се клучни. Ако го немате тоа против атлетски тим како Канада, тешко е да се надевате на успех“, објасни Брос.

Сепак, искусниот стручњак подвлече линија и под комплетниот настап на неговите избраници на овој планетарен собир, изразувајќи огромно задоволство од прикажаното во тешката група А, каде што Јужна Африка успеа да ја совлада Јужна Кореја, да ремизира со Чешка и да претрпи пораз од силната селекција на Мексико. Брос заклучи дека со оглед на сите околности, тој е исклучително горд на своите фудбалери за сработеното во изминатиот период.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.