Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го заврши настапот на W75 турнирот во Куршумлијска Бања уште во првото коло. Ѓорческа беше поразена од руската тенисерка Варвара Паншина со 2:0 во сетови, 6:3 и 6:2, во меч кој траеше 95 минути. Паншина уште на стартот на првиот сет направи два брејка и поведе со 4:1, што се покажа како клучна предност. Ѓорческа успеа да врати еден брејк, но Русинката го задржа водството и го освои сетот со 6:3.
Во вториот сет двете тенисерки имаа свои шанси, но Паншина беше поконкретна во клучните моменти. Со два направени брејка стигна до 6:2 и го потврди пласманот во следната рунда. За Ѓорческа сега следува нов предизвик и многу поголема сцена. Македонската тенисерка ќе настапи во квалификациите за УС Опен, кои започнуваат на 24 август.

