Македонската тенисерка Лина Ѓорческа денеска го започнува својот настап на УС Опен, а прва противничка во квалификациите ќе биде Јапонката Маи Хонтама. Дуелот е закажан за 18:30 часот по македонско време на теренот број 16, а победничката ќе направи прв чекор кон пласман во главната ждрепка на последниот Грен слем турнир во сезоната.
Хонтама во моментов е околу 170-тото место на ВТА-листата и во кариерата највисоко била рангирана на 105. позиција, додека Ѓорческа има најдобар пласман на 170. место. За Ѓорческа ова ќе биде уште еден Грен слем предизвик во 2026 година, откако претходно настапи во квалификациите на Австралија Опен, а на Вимблдон успеа да стигне до главниот турнир.
Интересно, двете тенисерки веќе имаат одиграно меѓусебен натпревар, а Ѓорческа во 2024 година ја совлада Хонтама со убедливи 6-3, 6-1 во Трнава, Словачка.
Македонската тенисерка сега ќе се обиде да го повтори тој успех и со победа да го отвори патот кон главната ждрепка на УС Опен.

