Турскиот фудбал повторно е во центарот на голем скандал, откако властите спроведоа обемна акција поврзана со нелегално обложување и сомнежи за местење натпревари. Според информациите од Турција, приведени се 17 фудбалски функционери, а издадени се и налози за апсење на уште две лица. Меѓу приведените има и четворица раководни лица од гигантите Галатасарај и Бешикташ.
Истрагата се темели на анализа на податоци од легалните обложувалници во периодот од 2020 до 2026 година, при што постојат сомнежи дека дел од осомничените уплаќале облози додека извршувале официјални функции во клубовите. Турскиот министер за правда Акин Ѓурлек порача дека државата ќе продолжи со решителна борба против нелегалното обложување, местењето натпревари и сите активности што го нарушуваат интегритетот на спортот. Ова е продолжение на големата истрага што започна минатата година, кога првично беа под сомнение судии, а подоцна истрагата се прошири и на играчи и спортски функционери од турскиот фудбал.

