Победата на Рома над Аталанта доби непријатен епилог по последниот свиреж, откако италијанските медиуми објавија за сериозен инцидент меѓу раководителите на двата клуба. Според информациите од Апенините, ситуацијата била толку напната што морало да интервенира и обезбедувањето на „Олимпико“.
Главните актери во наводниот конфликт биле извршниот директор на Аталанта, Лука Перкаси, и спортскиот директор на Рома, Тони Д’Амико. Според „Кориере дело Спорт“, Перкаси по натпреварот му пристапил на поранешниот функционер на бергамашкиот клуб и упатил навреди кон него, додека Д’Амико не одговорил на провокациите.
Наводната расправија продолжила и во просторот околу стадионот, при што Перкаси, според истите извештаи, го следел Д’Амико до паркингот. Тогаш реагирале припадници на обезбедувањето за да спречат ситуацијата дополнително да се влоши. Односите меѓу Д’Амико и раководството на Аталанта наводно се нарушени подолг период. Тензиите дополнително се зголемиле откако Д’Амико летово го напушти клубот и се пресели во Рома, каде што повторно се соедини со тренерот Џан Пјеро Гасперини. Според италијанските медиуми, Рома го смета однесувањето на Перкаси за неприфатливо и размислува за понатамошни чекори со цел да го заштити својот спортски директор. Засега нема официјална потврда од двата клуба за наводниот инцидент.

