Иако Светското првенство започнува вечерва, ФИФА предизвика бура со одлуката да ги блокира главните дресови на Хаити. Светската куќа на фудбалот побара итна промена на опремата, со образложение дека дизајнот прекршува одредени правила и испраќа забранети политички пораки.
Спорниот детал на дресовите, кои ги изработи колумбискиот бренд „Saeta“, всушност е стилизирано сино-црвено знаме. Производителот веднаш појасни дека нема никаква политика, туку се работи за историска посвета на битката кај Вертиер од 1803 година и првото знаме на Хаити по прогласувањето независност од Франција.
Како куриозитет, на социјалните мрежи се разви и дебата дека дизајнот е посвета на Полска поради историските врски меѓу двете земји, што експресно беше демантирано. Настапот на Хаити, каде прва ѕвезда е напаѓачот Дукенс Назон, започнува наскоро, но сè уште е неизвесно дали ФИФА ќе дозволи тимот да истрча во оваа гарнитура.

