Евролигата подготвува големи промени во своето функционирање, со амбициозен десетгодишен план кој предвидува значително зголемување на приходите, вредноста на клубовите и проширување на натпреварувањето. Според информациите на „Јурохупс“, планот добил поддршка од сите 13 клубови акционери на состанокот одржан на 6 октомври во Комо. Во следната деценија, за клубовите учесници се предвидени вкупно 3,4 милијарди евра, од кои 2,2 милијарди би биле обезбедени од приходите, а 1,2 милијарди од франшизните надоместоци.
Една од главните цели е годишните комерцијални приходи на Евролигата да достигнат 648 милиони евра до крајот на десетгодишниот период. Планот вклучува и проширување во две фази, во 2027 и 2031 година. Интересот за влез во натпреварувањето е голем, а според објавените информации, пристигнале 15 обврзувачки понуди со вкупна вредност од 1,2 милијарди евра. Меѓу заинтересираните клубови се и српските гиганти Партизан и Црвена звезда.
Важен дел од стратегијата е преминот кон франшизен модел од сезоната 2026/27, за кој се очекува веднаш да ја зголеми вредноста на лигата и клубовите за 25 проценти. Според проекциите, сегашната вредност на лиценцираните клубови изнесува околу 1,8 милијарди евра, а на самата Евролигата 1,4 милијарди. До крајот на планот, вредноста на клубовите би можела да достигне 5,4 милијарди евра, додека натпреварувањето би вредело речиси осум милијарди евра.
Тоа значи дека вкупниот потенцијал би надминал 13 милијарди евра, што би претставувало огромен финансиски исчекор за европската клупска кошарка.

