Иднината на Леброн Џејмс повторно е една од главните теми во НБА, откако американските медиуми објавија дека односите меѓу искусната суперѕвезда и Лос Анџелес Лејкерс повеќе не се на посакуваното ниво. Според последните информации, комуникацијата меѓу двете страни е сведена на минимум, а клубот сè уште не му понудил нов договор на четирикратниот НБА шампион. Тоа дополнително ги засили шпекулациите дека Џејмс би можел да ја промени средината пред почетокот на новата сезона.
Во целата ситуација највнимателно следи Голден Стејт Вориорс. Раководството на клубот наводно е подготвено веднаш да реагира доколку Леброн стане достапен, со желба да го спои со Стеф Кари во тим кој би можел да биде еден од најатрактивните во поновата историја на НБА. Иако засега останува најреално Џејмс да продолжи во дресот на Лејкерс, интерес за неговите услуги постои и од клубовите во кои претходно настапуваше, Кливленд Кавалирс и Мајами Хит.
Доколку дојде до трансфер, тоа би бил еден од најголемите потези во НБА во последните години и би можел значително да ја промени рамнотежата на силите во лигата.

