Други спортови Тенис

Ѓоковиќ со пресврт до победа над Амбер за успешен старт во Базел

Новак Ѓоковиќ со победа го започна настапот на турнирот во Базел, откако по пресврт го совлада Французинот Уго Амбер со 2-1 во сетови (4-6, 6-3, 6-4). Српскиот тенисер до триумфот стигна по два часа и 29 минути игра, во меч во кој мораше да го подигне нивото по загубениот прв сет. Амбер го искористи послабиот почеток на Ѓоковиќ и со брејк во третиот гем поведе со 2-1. Французинот ја задржа предноста и со сигурна игра на свој сервис го освои првиот сет со 6-4, ставајќи го фаворитот во незгодна позиција.

Во продолжението, Ѓоковиќ заигра поагресивно и веднаш ја презеде контролата. Раниот брејк му овозможи да поведе со 3-0, по што без поголеми проблеми го приведе сетот до крај за израмнување од 1-1. Решавачкиот сет донесе најголема неизвесност. Клучниот момент се случи во петтиот гем, кога Ѓоковиќ стигна до брејк и поведе со 3-2. Амбер имаше можност веднаш да возврати, но српскиот ас го одбрани својот сервис и ја задржа предноста до конечните 6-4. Со оваа победа, Ѓоковиќ се пласираше во осминафиналето, каде што ќе се соочи со Германецот Јан-Ленард Штруф. Добриот резултат во Базел би можел да има значајна улога во неговите амбиции за настап на завршниот Мастерс во Торино.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.