Новак Ѓоковиќ уште еднаш докажа зошто важи за ментално најцврстиот спортист во историјата. Српскиот тенисер успеа да ги совлада не само нападите на борбениот кинески тенисер Бу Јунчаокете, туку и сериозните физички проблеми што го мачеа во текот на целиот меч, режирајќи голем пресврт за победа од 4-6, 7-6 (7-2) и 6-2.
Воведниот дел од средбата помина во исклучително исцрпувачки размени, каде што кинескиот претставник покажа неверојатна дефанзива. При резултат 3-3, Ѓоковиќ влезе во криза, остана без свежина во движењето и со неколку грешки од форхенд му дозволи на Бу да направи одлучувачки брејк, а потоа рутински да го затвори првиот сет со 6-4.
Вистинската драма се одвиваше во вториот период. Иако Ѓоковиќ прв го зададе ударот и поведе со 3-1, Бу веднаш се врати во игра. Веднаш потоа, српскиот ас побара медицински тајм-аут, а неговата физичка состојба изгледаше загрижувачки. Сепак, наоѓајќи ги последните атоми енергија, Новак избори тај-брејк во кој го прегази ривалот со 7-2 и го внесе натпреварот во одлучувачки сет.
Во третата деделница на теренот постоеше само еден играч. Ослободен од болките и кризата, Ѓоковиќ одржа вистинска тениска лекција, го диктираше ритамот од секоја позиција и со убедливи 6-2 запечати уште една незаборавна победа. Српскиот рекордeр во четвртфиналето ја чека разрешницата од дуелот меѓу Александар Зверев и Џунченг Шенг.

