Други спортови Тенис

Ѓоковиќ по елиминацијата: Не сум доволно добар за моите очекувања!

Јаник Синер продолжува да доминира на тревата во Лондон и обезбеди место во големото финале на Вимблдон, откако во полуфиналето убедливо го совлада Новак Ѓоковиќ со 3-0 во сетови (6-4, 6-4, 6-4). Италијанецот одигра одличен натпревар и не му дозволи на српскиот ас да ја наметне својата препознатлива игра. Синер беше сигурен на свој сервис, максимално ги искористи шансите што му се укажаа и сосема заслужено се избори за ново гранд-слем финале.

По елиминацијата, Ѓоковиќ искрено зборуваше за периодот низ кој минува и призна дека очекувањата што самиот си ги поставува се сè уште исклучително високи, иако е свесен дека се наоѓа во поинаква фаза од кариерата.

„Сè уште го правам она што најмногу го сакам и среќен сум што можам да бидам меѓу најдобрите тенисери во светот. За многумина пласман во финале и полуфинале на гранд-слем турнирите е огромен успех, но јас отсекогаш сум имал највисоки цели. Тоа е мојата најголема мотивација, но понекогаш и најголемиот товар. Сега морам да научам да бидам малку поскромен во очекувањата“, изјави Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер откри дека и понатаму ужива во натпреварувањето, иако подготовките за големите турнири стануваат сè потешки поради физичките напори.

„Уживам да се натпреварувам, но веќе не уживам во тие тешки недели пред големите турнири, кога телото минува низ многу болка. Сепак, благодарен сум што на овој Вимблдон физички се чувствував многу подобро отколку во претходниот период. Тенисот ми даде сè во животот и затоа сè уште сум мотивиран да се борам на највисоко ниво“, порача Ѓоковиќ.

Иако не успеа да избори уште едно финале на Вимблдон, искусниот српски шампион испрати порака дека сè уште нема намера да се откаже од врвниот тенис, додека Синер ќе има можност да се бори за нова гранд-слем титула.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.