Новак Ѓоковиќ на најдобар можен начин го започна враќањето на турнирот во Пекинг, каде што се појави по пауза од 11 години. Српскиот тенисер во првото коло го совлада Португалецот Нуно Боржес во два сета и уште еднаш потврди зошто кинеската престолнина има посебно место во неговата кариера.
Ѓоковиќ славеше во меч во кој Боржес успеа да му создаде проблеми, а дополнителна пречка за Србинот беа и проблемите со дишењето. Сепак, 39-годишниот тенисер успеа да го издржи ритамот и во клучните моменти да ја преземе контролата. Посебно добро Ѓоковиќ функционираше при свој сервис. Високиот процент на освоени поени по првиот сервис му овозможи полесно да ги освојува своите гемови, а во вториот сет беше сигурен и во тај-брејкот, со кој го затвори мечот во два сета.
По натпреварот, Ѓоковиќ не го криеше задоволството од враќањето во градот каде што има исклучително успешна историја.
„Мило ми е што се вратив на моето среќно место. Ви благодарам што го исполнивте стадионот, атмосферата беше феноменална“, изјави Ѓоковиќ, кој посебно го истакна фактот дека условите за игра во вечерниот термин му одговараат.
Со овој триумф, Србинот продолжи да ја гради својата неверојатна приказна во Пекинг. Пред овој настап имаше одиграно 29 мечеви на турнирот и сите ги доби, а сега стигна и до 30. победа. Ѓоковиќ во кинеската престолнина шестпати ја освојуваше титулата, во 2009, 2010, 2012, 2013, 2014 и 2015 година. Последниот трофеј го освои по финалната победа над Рафаел Надал.
Back like he never left 👏
Novak Djokovic wins a 30th match at the #ChinaOpen after 11 years since playing the event 🇨🇳 pic.twitter.com/LWWuzdXtVE
— ATP Tour (@atptour) September 30, 2026

