Други спортови Тенис

Ѓоковиќ емотивен по елиминацијата: Размислував и да предадам!

Новак Ѓоковиќ го доживеа еден од најтешките порази во кариерата на УС Опен, откако за првпат во кариерата беше елиминиран уште во првото коло. Српскиот тенисер по повеќе од четири и пол часа борба загуби од Аргентинецот Маријано Навоне со 7-6, 5-7, 4-6, 6-2, 6-1. Ѓоковиќ имаше свои шанси и водеше со 2-1 во сетови, но физички не успеа да го издржи ритамот до крајот. По мечот призна дека уште од раната фаза чувствувал сериозни проблеми.

„Очигледно беше дека ужасно се чувствував на теренот. За жал, со ова се мачам на речиси секој меч годинава. Повраќам, а потоа целото тело почнува да откажува – имам грчеви и болки“, откри Ѓоковиќ.

Србинот во текот на мечот размислувал и да се откаже, но по освојувањето на вториот и третиот сет повторно добил надеж дека може да стигне до победата. На крајот, сепак, Навоне беше посигурен и го искористи физичкиот пад на големиот фаворит.

„Размислував да се откажам, но потоа освоив сет, па и трет. Помислив дека можеби имам шанса. Во четвртиот и петтиот сет не сакав да предадам, сакав да го завршам мечот“, рече Ѓоковиќ.

За првпат во својата кариера тој не успеа да го мине ниту првото коло на УС Опен, турнир на кој никогаш претходно не бил елиминиран пред третата рунда.

„Горд сум на сите достигнувања од минатото, но сегашноста е сегашност“, порача Ѓоковиќ, кој дополни дека сè уште не знае како и дали може да го реши проблемот со стомакот.

И покрај разочарувачкиот крај, српскиот ас им се заблагодари на навивачите за поддршката во текот на целиот меч.

„Не уживав, всушност го презирав секој момент што го поминав на теренот, но публиката беше неверојатна. Се обидоа да ме подигнат во важните моменти и жал ми е што не успеав да одиграм подобро“, заклучи Ѓоковиќ.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.