Новак Ѓоковиќ доби поволни вести во трката за настап на завршниот мастерс во Торино, откако Феликс Оже-Алијасим поради повреда на коленото ќе ги пропушти турнирите во Брисел и Базел. Канадскиот тенисер ги почувствува проблемите за време на мастерсот во Шангај, каде што го предаде осминафиналниот дуел против Каспер Руд. Сè уште е неизвесно дали ќе може да настапи на мастерсот во Париз, еден од последните турнири во сезоната.
Оваа ситуација му оди во прилог на Ѓоковиќ, кој се бори за место меѓу осумте најдобри тенисери во годината. Доколку Оже-Алијасим пропушти уште еден турнир, ќе има помалку можности да ги освои потребните бодови. Сепак, конечниот исход ќе зависи и од резултатите на српскиот ас и од учинокот на останатите конкуренти во завршницата на сезоната.

