Српскиот кик-боксер Милош Цветичанин не успеа да се искачи на тронот во тешка категорија на Глори промоцијата, откако на синоќешниот „Collision 9“ спектакл претрпе тежок пораз од актуелниот шампион Мори Крома. Иако новосаѓанецот имаше свои светли моменти во првите две рунди каде со опасни комбинации од близина се обидуваше да го загрози првакот, Крома тактички ја контролираше борбата. Моќниот шампион максимално ја користеше предноста во висината и движењето, правејќи огромна штета со удари во телото и со колена од клинч. Клучниот момент се случи во третата рунда кога Крома го фати Цветичанин „на спиење“ и со брутално „летечко колено“ директно во главата го испрати на патот, по што судијата веднаш ја прекина борбата. По мечот, српскиот борец спортски порача дека ова е само спорт и вети дека по овој тежок пад ќе се врати уште посилен.
MORY KROMAH HOLY SH**
He just did THAT to remain Heavyweight Champ! #COLLISION9 pic.twitter.com/Uyjsr2hXMA
— GLORY Kickboxing (@GLORY_WS) June 13, 2026
За разлика од него, хрватскиот тешкаш Антонио Плазибат имаше брутална и победничка ноќ во Ротердам, каде што со застрашувачки нокаут буквално ја заледи публиката во салата. По три изедначени и исцрпувачки рунди против Анис Бузид од Белгија, судиите не можеа да прогласат победник, па борбата според правилата на Глори отиде во дополнителна, четврта рунда.
Во тие клучни три минути, двајцата борци тргнаа во тотална офанзива без калкулации, но Хрватот покажа зошто е еден од најопасните во светот. Плазибат наметна пеколно темпо и испука страшна канонада од седум-осум врзани удари кои целосно го скршија блокот на Белгиецот. Бузид прими премногу штета, се отвори и во еден момент едноставно се струполи на грб целосно без свест, по што судијата веднаш ја прекина борбата поради тешкиот призор. Со овој голем триумф, Плазибат кој пред мечот беше треторангиран предизвикувач, направи џиновски чекор напред кон добивање на нов „title shot“ и борба за шампионскиот појас.
A KO IN THE SUDDEN VICTORY ROUND!
🎟️ Buy #COLLISION9 now at https://t.co/EGQRwqszFM | LIVE NOW | In Select Territories ▪️ pic.twitter.com/GJdrcOR2vx
— DAZN Combat Sports (@DAZNCombat) June 13, 2026

