Стартот на новата сезона во Ла Лига се соочи со неочекуван проблем откако дуелот меѓу Селта и Осасуна мораше да биде одложен поради габично заболување кое целосно го оштети тревникот на стадионот „Балаидос“.
Екстремно високите температури во Виго, кои со недели надминуваат 36 степени, овозможија брзо ширење на инфекцијата на тревата. Иако првичните инспекции дале зелено светло за игра, состојбата драстично се влошила во последните неколку дена. Натпреварот наместо во недела е презакажан за 27 август, одлука која предизвика револт кај Осасуна. Од таму ја обвинија Ла Лига за непрофесионализам и пропуст, истакнувајќи дека новиот термин во работен ден е на директна штета на навивачите.

