Капитенот на Аргентина, Лионел Меси, продолжува да ја препишува фудбалската историја со златни букви. По победата на актуелниот бранител на тронот против Австрија со 2-0 во групната фаза, каде што ги постигна двата погодоци, аргентинскиот виртуоз официјално постави дури четири нови историски рекорди, кои експресно беа потврдени и од Гинисовата книга на рекорди. Аргентина ја осигура победата на турнирот кој се игра во Северна Америка, а Меси уште еднаш докажа дека е централна фигура во светот на фудбалот, покажувајќи неверојатен карактер дури и откако претходно во мечот не реализираше удар од белата точка.
Во официјалното соопштение, од Гинисовата книга на рекорди детално ги образложија новите епски постигнувања на Аргентинецот. Со вкупно 18 постигнати голови, тој сега е осамен на врвот како најдобар стрелец во историјата на Мундијалите. Покрај тоа, Меси отсега е фудбалер со најмногу одиграни натпревари на Светските првенства (28), играч со најмногу остварени мундијалски победи (18), како и апсолутен рекордер по бројот на поминати минути на теренот на овие шампионати, каде што зад себе има вкупно 2489 минути. Од Гинисовата комисија беа кратки во својот коментар, порачувајќи дека целата планета во моментов е сведок на жива историја.
All the records broken by Lionel Messi today:
Most FIFA World Cup finals goals by a football (soccer) player – 18
Most FIFA World Cup matches played in by an individual – 28
Most matches won by a player at the football (soccer) FIFA World Cup – 18
Most minutes played in the…
— Guinness World Records (@GWR) June 22, 2026
Со двата гола во мрежата на Австријците, 38-годишниот капитен на „гаучосите“ на вечната листа го престигна Германецот Мирослав Клосе, кој досега сигурно го држеше рекордот со 16 мундијалски погодоци. Меси, кој моментно настапува на своето шесто Светско првенство во кариерата, уште еднаш го редефинираше поимот за долговечност во врвниот меѓународен фудбал. Неговата незаборавна приказна на светската сцена започна уште во далечната 2006 година, а две децении подоцна, тој сè уште диктира нови стандарди и ги поместува границите на невозможното.

