Меѓународен фудбал Фудбал

Гибралтар му одржа лекција на Рој Кин по неговиот коментар за Хрватска! (ФОТО)

Рој Кин повторно предизвика внимание со својот директен и безмилосен коментар, но овојпат не остана само на критиките кон фудбалската репрезентација на Хрватска. Легендарниот Ирец ја повлече споредбата со Гибралтар по историскиот дебакл на Хрватите против Англија, а од малата европска селекција експресно му одговорија. Наместо да се налутат, Гибралтарците решија да возвратат во истиот дух, со иронија и малку фудбалска историја. А токму последниот дел од нивната порака има посебна симболика за Кин.

Хрватска доживеа вистински дебакл во Ријека, каде што Англија славеше со убедливи 7-0, а резултатот беше доволен за Рој Кин да упати жестока критика кон „коцкестите“. Коментаторот и легендарниот капитен на Манчестер Јунајтед оцени дека Хрватска, иако се наоѓа високо на светската ранг-листа, на теренот изгледала непрепознатливо.

„Хрватска е 13-та репрезентација во светот, а изгледаа како репрезентација како Гибралтар“, изјави Кин.

Неговата споредба, сепак, не помина незабележано во Гибралтар. Тамошниот фудбалски сојуз ја сподели изјавата на Кин на социјалните мрежи и му возврати со порака која брзо привлече внимание.

„Ајде, Рој. Ако веќе ќе го спомнуваш Гибралтар, прво дојди да нè посетиш. Дури ќе ти дозволиме да останеш за време на целиот камп“, порачаа од Гибралтар со очигледна доза иронија.

Но, зад шегата се криеше и потсетување на една од најпознатите епизоди во кариерата на Кин. Станува збор за добро познатиот конфликт со тогашниот селектор на Ирска, Мик Мекарти, пред Светското првенство во 2002 година. Кин, тогаш капитен и една од најголемите ѕвезди на ирската репрезентација, жестоко ги критикуваше условите за подготовка на тимот за време на кампот.

Најголем проблем за него биле условите за тренинг и организацијата на подготовките, а незадоволството постепено прераснало во сериозна расправија со Мекарти. Конфликтот ескалирал до точка од која немало враќање. Мекарти одлучил да го испрати Кин дома, па еден од најдобрите ирски фудбалери во тоа време не настапи на Мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја. Токму затоа, одговорот од Гибралтар не беше само обична шега на сметка на Кин. Со една кратка порака, тие успеаја да ја свртат неговата сопствена историја против него.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.