По жалбата од страна на ФК Вардар и официјалната информација од ФФМ, експресно со своја реакција излезе раководството на ГФК Тиквеш 1930. Од кавадаречкиот клуб потврдија дека во КОМЕТ системот при прикачувањето на документите била направена ненамерна техничка грешка, но децидно тврдат дека нивниот фудбалер Виздом Окере има целосно регуларен и важечки медицински преглед.
За да ги демантираат наводите на скопскиот клуб и да ја докажат регуларноста на победата во осминафиналето од Купот на Македонија, од Тиквеш преку социјалните мрежи јавно го приложија медицинскиот документ издаден директно на името на Окере Ебубе Виздом.
Додека Вардар бара службена победа на „зелена маса“ и дисквалификација на кавадарчани од понатамошното натпреварување, од ГФК Тиквеш сметаат дека мечот е целосно регуларен и бараат истиот и официјално да биде регистриран со изборениот резултат на теренот (1:3). Конечната одлука за овој административен заплет сега е во рацете на надлежните комисии во ФФМ.

