Светски првенства Фудбал

Германците бараат искупување на Мундијалот по дебаклите во Русија и Катар

Германската фудбалска репрезентација вечерва од 20:30 часот во Чикаго го игра последниот контролен натпревар пред почетокот на Светското првенство. Култниот стадион „Солџер Филд“ ќе биде арена на пресметката против селекцијата на САД. За „панцерите“ ова е генерална проба пред мундијалските предизвици и премиерниот дуел во групата против аутсајдерот Курасао.

По освојувањето на светскиот трон во 2014 година, четирикратниот шампион доживеа вистинско фијаско на следните два собири во Русија и Катар, каде што испаѓаше уште во групната фаза. Избраниците на Јулијан Нагелсман сега имаат огромен мотив за докажување. Тимот се наоѓа во одлична форма и веќе бележи серија од осум последователни победи.

Сепак, германскиот стратег се соочува со проблеми во составот пред вечерашниот дуел. Младиот Ленард Карл отпадна од списокот поради повреда, а на негово место дојде Асан Уедраого. Искусниот Мануел Нојер сè уште не е целосно заздравен, па на голот веројатно ќе застане Оливер Бауман. Напаѓачот Дениз Ундав исто така има полесна повреда и најверојатно ќе биде поштеден. Каи Хаверц тренира со тимот само четири дена, па неговото место може да го заземат Ник Волтемаде или Максимилијан Бајер.

Јадрото на германскиот тим и натаму ќе го сочинуваат Тах, Кимих, Павловиќ, Горецка, Мусиала и Вирц. Од друга страна, селекцијата на САД влегува во овој дуел под водство на Маурисио Почетино. Домаќините нема да можат да сметаат на повредениот дефанзивец Крис Ричардс, па главна предводничка сила на теренот ќе биде капитенот Кристијан Пулишиќ, поддржан од Рикардо Пепи и Џовани Реина.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.