Меѓународен ракомет Ракомет

Ѓер обезбеди мега-финале против Мец за хет-трик титули!

Унгарскиот ракометен владетел Ѓер одново покажа зошто е синоним за успеси во Лигата на шампионите, откако во уште еден супер-драматичен полуфинален трилер со тесни 31:30 го скрши отпорот на француски Брест. Актуелниот двократен последователен европски првак успеа да ги издржи сите налети во натпревар кој лесно можеше да замине во поинаков правец, со што се избори за нов пласман во големиот меч за титулата каде за ривал ќе го има амбициозниот Мец, додека во пресметката за утешната бронза ќе играат Брест и романскиот ЧСМ Букурешт.

Составот предводен од клупата од Пер Јохансон во претстојната финална пресметка има единствена цел – да стигне до својот осми европски трофеј во клупската ризница и со историски хет-трик да ја продолжи апсолутната доминација на Стариот континент. Нивниот противник Мец, пак, веќе испиша клупска историја бидејќи за првпат ќе се бори за најпрестижниот пехар, право кое го стекна по убедливиот триумф над ЧСМ Букурешт со 32:27.

Дополнителен мотив за Французинките ќе биде и фактот што единствените два порази сезонава во елитата ги претрпеа токму од Ѓер во групната фаза. Спектаклот е гарантиран во преполната сала „МВМ Доме“ во Будимпешта, каде пред речиси 20.000 фанатични гледачи ќе гледаме жестока ракометна и тактичка битка за европскиот трон.

 

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.