Меѓународен фудбал Фудбал

Гатузо: Не сме навикнати да бидеме овде, но можеме да изненадиме

Лацио убедливо го совлада Јувентус во Торино со 3:0 и се искачи на делба на првото место во Серија А, а тренерот Џенаро Гатузо не го криеше задоволството по големиот триумф.

Малкумина го сфаќаа Лацио сериозно и покрај одличниот старт на сезоната, а многумина пред ова коло не веруваа ниту дека „небесно-сините“ можат да изборат пласман во Лигата на шампионите. Сепак, по оваа доминантна партија, за римскиот клуб веќе со право почнува да се размислува и како за потенцијален кандидат за Скудетото.

„Не смееме да ја гледаме табелата во моментов. Ќе уживаме во оваа прекрасна победа, но веднаш мора да се свртиме кон Парма. Не сме навикнати да бидеме на оваа позиција и можеби уште не сме целосно спремни, но ако одиме натпревар по натпревар, можеме да изненадиме“, изјави Гатузо.

И на претходните натпревари Лацио го красеше голема глад за голови, но овојпат тимот покажа и исклучителна тактичка зрелост и контрола врз играта.

„Менталитетот и гладта беа клучни. Водевме со 1:0 на полувреме, а на претходните мечеви против Милан и Венеција продолжувавме да напаѓаме. Овојпат направивме голем чекор напред во контролата на ритамот“, објасни италијанскиот стратег.

И покрај големиот успех, италијанскиот стручњак ги препушти сите заслуги на своите фудбалери и на управата на клубот.

„Ова е моја прва победа во Торино во тренерската кариера. Целиот стручен штаб ги постави идеите, но играчите беа тие што совршено ги спроведоа и на тренинзите и на теренот, па ги заслужуваат сите пофалби. Работиме напорно и изградивме семејна атмосфера. Пофалби заслужува и клубот, немавме многу пари за трансфери, но доведовме вистински луѓе, карактери кои со цело срце сакаа да дојдат тука.“

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.