Тренерот на Рома, Џан Пјеро Гасперини, не го криеше незадоволството од досудениот пенал во корист на Манчестер Јунајтед, сметајќи дека токму таа одлука имала големо влијание врз текот на натпреварот. Римјаните доживеаја уште еден болен пораз по пресврт, а Гасперини по средбата направи споредба со претходниот натпревар против Реал Мадрид. Според него, двата порази се различни, но заедничко е тоа што неговиот тим потфрлил во завршницата.
„Пеналот му даде голем поттик на Јунајтед, а ние не успеавме да го издржиме нивниот притисок. Во второто полувреме немавме сили да играме со додавања кон напаѓачите. Моравме да бидеме попаметни, да користиме и долги топки, но веќе не можевме да одговориме на нивната агресивност“, изјави Гасперини.
Сепак, најголемото незадоволство го искажа токму за ситуацијата со најстрогата казна, која според него е тип на одлука што сè поретко се гледа во италијанскиот фудбал.
„Се надевавме дека вакви пеналчиња повеќе нема да гледаме. Во Италија веќе не се досудуваат толку често, но во Европа сè уште ги гледаме. Тоа е нешто што навистина иритира“, порача тренерот на Рома.
Гасперини, сепак, смета дека неговиот тим мора да извлече поуки од новиот неуспех, особено во моментите кога противникот го зголемува притисокот. Според него, ваквите натпревари треба да послужат како искуство за иднината, наместо дополнително да го оптоваруваат тимот со притисокот за задолжителен резултат.

