Македонски фудбал Меѓународен фудбал Фудбал

Гаштаров блеска во дресот на Црвена Звезда, клубот го врза до 2031 година!

Македонскиот фудбалер Матеј Гаштаров продолжува да ја гради својата приказна во Црвена звезда, откако српскиот шампион му понуди нов договор со важност до 2031 година. Со овој потег, белградскиот клуб јасно покажа дека сериозно смета на младиот македонски репрезентативец и во годините што следуваат. Гаштаров со своите настапи во актуелната сезона успеа да се наметне и да ја оправда довербата, а неговите добри партии не останаа незабележани од клупската управа. Особено се истакна на дербито против Партизан, кога со својата игра ги освои симпатиите на навивачите, кои го прогласија за играч на натпреварот.

Неговите досегашни изданија беа доволна причина за Црвена звезда да реагира и да му понуди подобри услови, обезбедувајќи ја неговата иднина во клубот на подолг рок.

„Многу ми значи новиот договор. Многу работев за да бидам тука каде што сум сега и ова е остварување на сонот. Сè се одвиваше многу брзо, но верувам во напорната работа. Ја дочекав вистинската можност да покажам што знам и пресреќен сум за тоа како се одвиваат работите“, изјави Гаштаров по потпишувањето.

Македонецот нагласи дека новиот договор ќе му биде дополнителен мотив за уште поголем напредок и дека ќе продолжи максимално да се посветува на тренинзите, следејќи ги советите и барањата на тренерот.

„На секој тренинг го давам максимумот. Добро почнав и планирам во ист ритам да продолжам“, порача младиот фудбалер.

Гаштаров пристигна во Црвена звезда во 2024 година од Вардар, а оваа сезона веќе забележа 14 настапи и постигна еден гол. Новиот договор до 2031 година претставува значаен чекор во неговата кариера и потврда дека со континуирана работа и добри настапи може да се избори за сè позначајна улога во еден од најголемите клубови во регионот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.