Меѓународен фудбал Фудбал

Гарсија го обвини медицинскиот тим за неуспехот на Мундијалот

Поранешниот селектор на Белгија, Руди Гарсија, во своето прво интервју по заминувањето од клупата отворено ги обвини медицинските тимови на репрезентацијата за пропусти кои директно го нарушиле настапот на Светското првенство во САД, Канада и Мексико. Иако „црвените ѓаволи“ стигнаа до четвртфиналето, францускиот стручњак тврди дека неадекватното лекување на повредите и болестите кај клучните фудбалери сериозно ги загрозило нивните амбиции за повисок пласман.

„Го загрозивме нашиот карактер и настапот на Мундијалот поради одредени повреди и болести кои не беа соодветно третирани“, изјави Гарсија за бриселскиот весник „Ле Соар“.

Како најдраматичен пример тој го посочи крилниот напаѓач на Манчестер Сити, Џереми Доку, кој поради погрешна медицинска проценка завршил на ургентниот центар со течност во белите дробови. Според Гарсија, лекарите спречувале дополнителни прегледи сметајќи дека обичните антибиотици се доволни, сè додека ситуацијата не ескалирала. Покрај Доку, тој ги истакна и неволјите со повредите на капитенот Јури Тилеманс, Шарл де Кетелере и Зен Дебаст за време на самиот турнир.

Белгија го започна Светското првенство неубедливо со ремија против Египет и Ирак, пред убедливата победа од 5:1 над Нов Зеланд во Ванкувер да им ја донесе првата позиција во групата. Во нокаут-фазата следуваше тежок триумф над Сенегал и можеби нивната најдобра партија на турнирот против домашната селекција на САД во осминафиналето, пред конечно да бидат запрени во четвртфиналната рунда.

И покрај сите пречки и тоа што договорот не му беше продолжен, Гарсија смета дека добро си ја завршил работата и дека си заминува со чиста совест.

„Дојдов со јасна мисија да ги поведам легендите Кевин Де Брујне, Тибо Куртоа и Ромелу Лукаку што е можно подалеку. Заедно доживеавме прекрасни моменти и мислам дека не е нескромно да се каже дека ја вративме Белгија на светската фудбалска мапа. Заминувам без никаква горчина и сум многу спокоен и среќен за постигнатото“, додаде Французинот, истакнувајќи дека сепак со задоволство би останал доколку му била понудена нова соработка.

Фудбалскиот сојуз на Белгија засега не ги коментираше неговите обвинувања, но веќе експресно ја пополни празнината на тренерската позиција, именувајќи го поранешниот холандски репрезентативец Марк ван Бомел за нов селектор.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.