И покрај тоа што Ромелу Лукаку се врати со гол во националниот тим, селекторот на Белгија, Руди Гарсија, ги смирува страстите и порачува дека навивачите и медиумите не треба да очекуваат чуда преку ноќ. Искусниот напаѓач погоди во победата над Хрватска од 2:0, што беше негов јубилеен 90-ти погодок во репрезентативниот дрес, но неговата физичка подготвеност сè уште е далеку од идеална.
Зад Лукаку е кошмарна сезона во Наполи, каде поради честите повреди не започна ниту еден меч како стартер и постигна само еден гол. Поради тоа, неговиот повик во тимот за Светското првенство се сметаше за огромен ризик. Иако неговото успешно враќање на теренот по 12 месеци пауза донесе позитивна енергија, предводникот на Белгијците повикува на трпение.
Гарсија пред денешниот пријателски дуел со Тунис изјави дека најголемата опасност е јавноста да помисли дека Лукаку е целосно фит. Напаѓачот имаше долга пауза, речиси воопшто немаше тренинзи со тимот, па затоа стручниот штаб планира да му дозира по 20 до 25 минути игра по натпревар, со цел да се избегне нова повреда.
Белгија го отвора Мундијалот на 15 јуни против Египет во Сиетл, а предводникот на Белгијците јасно стави до знаење дека е премногу рано да се размислува за Лукаку како стартер на тој натпревар. За негова целосна подготовка ќе биде потребно уште време.

