Дебито на Јирген Клоп на клупата на Германија и Чави Ернандез на кормилото на Холандија донесе жестока драма, контроверзии и поетска правда на „Јохан Кројф Арената“. Во дербито од А-дивизијата во Лигата на нации, „лалињата“ и „панцерите“ ги поделија бодовите (1-1), во меч кој долго ќе се памети по суровото игнорирање на фер-плејот од страна на гостите и казната во судиското продолжение.
Натпреварот започна во висок ритам, а Холанѓаните уште во 12. минута ја затресоа мрежата преку Тиџани Рајндерс, но голот беше поништен поради претходен фаул. Набрзо Клоп влезе во проблеми бидејќи Каи Хаверц мораше да го напушти теренот поради повреда по жестокиот старт на Тимбер.
Клучниот и скандалозен момент се случи во 32. минута. Брајан Броби остана да лежи повреден на центарот, а сите холандски репрезентативци побараа од судијата Алехандро Ернандез да ја прекине играта. Сепак, ниту шпанскиот арбитар, ниту германските репрезентативци не реагираа, „панцерите“ ја продолжија акцијата, а Феликс Нмеча од пет метри погоди за 0-1. Потоа следуваа бурни протести и турканици на теренот, но голот беше признат, а Броби мораше предвреме во соблекувалната.
Германија пропушти колосална шанса за 0-2 кога Карим Адејеми несфатливо промаши празен гол од неколку метри, по што следуваше тотална доминација на Холандија. Марк-Андре тер Штеген правеше вистински чуда меѓу стативите бранејќи удари на Самервил, Гакпо и Мердинк, кој ја погоди и стативата, додека Ван Хеке во 71. минута спасуваше гол за домаќините од самата линија.
И кога се чинеше дека Германија ќе замине со неправедно извојуван триумф, кармата си го направи своето. Во 92. минута, Коди Гакпо се најде на вистинското место и го совлада Тер Штеген за 1-1, спречувајќи го својот поранешен шеф од Ливерпул да слави на дебито.
Во останатите мечеви од елитната дивизија, Ерлинг Халанд со два погодоци ја предводеше Норвешка до триумф над Данска, додека Португалија го совлада Велс со 1-0 со голот на Жоао Феликс, во меч во кој Кристијано Роналдо ги одигра сите 90 минути, а во 59. минута му беше поништен погодок.

