Бразилскиот напаѓач Габриел Жезус и официјално беше претставен како ново засилување на Барселона, ставајќи потпис на договор кој го обврзува на верност кон каталонскиот гигант до 2029 година. Неговиот премин од Арсенал се издвојува како едно од најголемите изненадувања во финишот на летниот преоден рок.
На официјалната промоција, 29-годишниот офанзивец не го криеше воодушевувањето од пристигнувањето на „Камп Ноу“, истакнувајќи дека прифатил значително намалување на платата за да го оствари сонот од детството.
„Клубот вложи голем напор за да ме доведе, а јас се откажав од голем дел од примањата бидејќи не е сè во парите. Бегав од училиште за да ги гледам Деко и Роналдињо во Барселона, а сега на 29 години сум на местото каде што сонував да бидам уште како дете. Верувам во Бога и знаев дека ќе се случи нешто убаво. Кога ја добив пораката од Барса, веднаш знаев дека тоа е мојата судбина“, изјави Бразилецот.
Жезус се осврна и на својата физичка подготвеност по зачестените проблеми со повредите во минатото, нагласувајќи дека статусот на резервист во Лондон не бил од здравствена природа.
„Имав две комплицирани сезони и бев долго надвор од терените, но коленото сега е во ред и физички сум целосно подготвен. Во Арсенал не играв од некои други причини. Разговарав со Рафиња, Кансело, Родри и Ерик Гарсија, сите ми кажаа само најдобри работи за клубот. Доаѓам во одличен тим со огромна желба да помогнам во борбата за сите трофеи, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите“, заклучи новиот шпиц на Барселона.

