Меѓународен ракомет Ракомет

Фуксе Берлин и Барселона ќе се борат за европската титула во ЕХФ Лигата на шампиони!

Познати се патниците во големото финале на ракометната Лига на шампиони. За престижниот трофеј на завршниот „Фајнал-фор“ турнир во Келн, утре со почеток во 18:00 часот, ќе се соочат екипите на Фуксе Берлин и шпанска Барселона.

Германското дерби во првото полуфинале донесе неверојатен ракометен спектакл и вистинска гол-шоу. Во репризата од минатогодишното финале, Фуксе Берлин успеа да му се одмазди на Магдебург и да слави со убедливи 40-35. Овој натпревар влезе и во историјата на елитното натпреварување, бидејќи го израмни рекордот за најефикасен меч одигран во регуларните 60 минути на еден завршен турнир.

Ништо помалку драматично не беше ниту во второто полуфинале, каде што Барселона мораше добро да се испоти за да го скрши отпорот на Алборг. Данскиот тим пружи лавовски отпор и го одведе мечот во продолженија, но каталонскиот гигант во дополнителните минути ја покажа својата моќ и искуство, па на крајот триумфираше со конечни 37-32.

Големата пресметка за европскиот трон помеѓу Фуксе Берлин и Барселона е закажана за утре во 18:00 часот, додека во пресрет на финалето, поразените Магдебург и Алборг ќе ги одмерат силите во битката за утешното трето место од 15:00 часот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.