Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Фудбалскиот крем згрозен од ФИФА по скандалозното укинување на црвениот картон на Балогун!

Светското првенство во фудбал се соочува со еден од најголемите скандали во својата историја. Одлуката на ФИФА експресно да го поништи црвениот картон на американскиот напаѓач Фоларин Балогун пред осминафиналниот дуел со Белгија предизвика невиден револт во спортската јавност. Според информациите на светските медиуми, зад оваа шокантна одлука стои директна политичка интервенција од претседателот на САД, Доналт Трамп, кој лично телефонски разговарал со првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, за да издејствува помилување.

Балогун беше исклучен на натпреварот против Босна и Херцеговина по тежок старт над Тарик Мухаремовиќ, одлука која беше потврдена и од ВАР-технологијата. Сепак, по големиот притисок од Фудбалската федерација на САД, владини официјални лица и силен правен тим, ФИФА ја преиначи суспензијата во условна казна од една година, овозможувајќи му на стрелецот на три гола на овој турнир да истрча на теренот во Сиетл.

Овој потег предизвика лавина жестоки реакции од врвните фудбалски стручњаци, кои едногласно порачаа дека со овој чин грубо се рушат правилата на играта. Селекторот на Англија, Томас Тухел, јавно запраша кој и на каков основ ја поништил одлуката, додавајќи дека сега и неговиот тим би можел да се жали за исклучувањето на Кванса против Мексико, па иронично искоментира дека можеби Хари Кејн треба да му се јави на претседателот Трамп. Слично размислува и новиот тренер на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, кој ја нарече одлуката чиста бесмислица и потенцираше дека правилата мора да бидат исти за сите, прашувајќи отворено дали ваков преседан би се случил доколку играчот настапуваше за Гана или Парагвај.

Поранешниот стратег на Ливерпул, Јирген Клоп, ја нарече целата ситуација лудост, потенцирајќи дека фудбалот е игра на навивачите и спортистите, а не на Трамп и Инфантино кои немаат никаков поим од овој спорт. Дека одлуката е катастрофална и штетна за имиџот на целиот турнир смета и норвешкиот селектор Столе Солбакен, кој нагласи дека дури и САД да ја победат Белгија, засекогаш ќе го носат овој тежок товар на сопствениот грб бидејќи противникот со целосно право е бесен.

Покрај тренерите, брутални во своите коментари беа и поранешните фудбалски легенди кои работат како стручни консултанти за големите светски телевизиски куќи. Вејн Руни во студиото на „Би-Би-Си“ ја нарече одлуката апсолутен срам и додаде дека Инфантино треба сериозно да се срами бидејќи во прашање е доведен спортскиот дух на целиот турнир. Во свој препознатлив стил, целата ситуација ја прокоментира и Златан Ибрахимовиќ од студиото на „Фокс Телевизија“, велејќи дека ако го каже тоа што навистина го мисли, уште утре ќе треба да ги спакува куферите и засекогаш да ги напушти САД. Фудбалскиот сојуз на Белгија веќе испрати официјално барање до ФИФА за формално објаснување на овој незапаметен правен преседан, но јасно е дека штетата е веќе направена и дека неутралниот фудбалски свет вечерва комплетно ќе навива против Американците.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.