Иако фудбалскиот трансфер период во најсилните европски лиги е официјално затворен, клубовите сè уште имаат можност за засилувања. Слободните агенти не се ограничени со временските рокови за трансфери, а на пазарот моментално се наоѓа импресивна листа на звучни имиња, од освојувачи на „Златната топка“ до играчи кои сè уште се во своите најдобри фудбалски години.
Најзвучното име на овој список несомнено е Карим Бензема (38). Францускиот напаѓач неочекувано го раскина договорот со Ал Хилал, а по одбивањето на понудите од Трабзонспор и Ал Шабаб, сè погласни се шпекулациите дека поранешниот адут на Реал Мадрид би можел конечно да стави крај на својата богата кариера.
Во незавидна ситуација е и Џејдон Санчо (26), кој конечно ги раскина врските со Манчестер Јунајтед по истекот на договорот. Откако опцијата за враќање во Борусија Дортмунд пропадна, најновата трага за англиското крило води кон Бразил, каде што Палмеирас подготвува финансиска понуда за рестарт на неговата кариера.
Интересна е ситуацијата и со поранешните дефанзивци на Реал Мадрид. Давид Алаба (34) по бројните проблеми со повредите ја заврши епизодата во Мадрид и моментално се поврзува со Интер Мајами и клубови од Катар, додека Дани Карвахал (34) е на мета на саудискиот Ал Наср. Неуморниот Серхио Рамос (40) исто така бара нов предизвик по заминувањето од мексиканскиот Монтереј, а италијанските медиуми дури го поврзуваат и со инвестициско-играчки ангажман во Равена.
Во линијата за напад, Мауро Икарди (33) бара нов клуб по заминувањето од Галатасарај откако во последен момент ги одби условите на Лацио, додека Пол Погба (33) по брзата разделба со Монако ги разгледува понудите од американската МЛС-лига и турскиот Коџаелиспор. На пазарот се уште и познати имиња како Филип Кутињо, Рахим Стерлинг и Ренато Санчес, кои исто така се обидуваат да ја пронајдат формата со која некогаш ја освојуваа Европа.
Списокот на слободни играчи дополнително го пополнуваат ветерани и познати фудбалери како Рафаел Гереиро, Ријад Марез, Марцело Брозовиќ, Антони Марсијал, Олександр Зинченко, Исмаел Бенасер и Вилфрид Заха, што овозможува уште неколку интересни трансфери во деновите што следат.

