Натпреварот од францускиот шампионат за фудбалери до 17 години меѓу Гренобл и Лион, кој заврши со минимална победа од 1-0 на домашниот тим, доби сериозен и вознемирувачки епилог. Наместо спортските случувања да бидат во преден план, по последниот судиски свиреж дошло до физичка пресметка во која биле нападнати гостинските фудбалери и членовите на стручниот штаб на Лион.
Според информациите на регионалниот медиум „Ле Прогре“, инцидентот започнал кога неколку лица од трибините вербално нападнале еден од гостинските играчи. Неговата реакција дополнително ја вжештила ситуацијата, по што избувнала масовна тепачка. Фудбалерот на Лион, наводно, бил удиран со дрвен предмет по главата.
Ситуацијата дополнително ескалирала со сериозни закани кон играчите и стручниот штаб предводен од Флоран Балмон. Според сведочењата, дел од напаѓачите биле вооружени со дрвени палки и мачети, а едно лице дури извадило пиштол и се заканило дека ќе пука. Засега нема потврда дали станувало збор за вистинско огнено оружје.
Во обид да се заштитат од нападите, членовите на делегацијата на Лион се засолниле во соблекувалните и во клупскиот минибус, каде што чекале да пристигне полицијата и да ја стави ситуацијата под контрола. По немилите сцени, се огласи и Гренобл, кој преку официјално соопштение најостро го осуди насилството и се огради од однесувањето на инволвираните лица. Од клубот нагласија дека станува збор за лица кои немаат никаква поврзаност со нивната организација, а најавија и можност за поднесување пријава до полицијата со цел целосно да се расветлат околностите на инцидентот.

