Македонската фудбалска репрезентација ги одработува последните тренинзи во Скопје пред заминувањето за Глазгов, каде што во петок го игра претпоследниот меч од Лигата на нациите против селекцијата на Шкотска. Селекторот Гоце Седлоски има на располагање уште многу малку време за тактичка подготовка со која ќе се обиде да извлече позитивен резултат од ова незгодно гостување на Островот.
Националниот тим заминува за Шкотска во четврток, што значи дека претстојните тренинзи во комплексот на ФФМ се клучни за усовршување на замислите на стручниот штаб. Главниот фокус на „црвено-жолтите“ е конечно да се стави крај на црната серија од четири порази по ред без постигнат гол во ова натпреварување, па претстојниот дуел доаѓа како можност за реакција и враќање на самодовербата.

