Меѓународен фудбал Фудбал

Фрајбург има негатива против Брага, Кристал Палас веќе го гледа финалето

Фудбалска Европа вечерва го задржува здивот додека се решава судбината на четири екипи кои сонуваат за слава во второто и третото по рангување натпреварување на континентот. Со минимални предности од првите средби и отворени пресметки на сите фронтови, нè очекува вечер исполнета со драма, тактичко надигрување и борба до последната секунда.

Лига Европа: Емери брка пресврт, Брага ја брани предноста во Германија!

Во центарот на вниманието во Лига Европа е англиската пресметка меѓу Астон Вила и Нотингем Форест. Иако „шумарите“ допатуваа во Бирмингем со предност од 1:0 благодарение на пеналот на Крис Вуд, Астон Вила под водство на Унаи Емери не смее да се отпише. Шпанскиот стратег е синоним за успех во ова натпреварување, па и покрај лошата серија од три порази по ред, домашниот терен и искуството на Емери се главните адути на Вила за пласман во финалето во Истанбул.

Паралелно, во Германија, Фрајбург ќе се обиде да ја анулира негативата од 2:1 против Брага. Португалците славеа во драматичен финиш со голот на Доржелес во судиското продолжение, но Фрајбург пред својата бучна публика верува дека има сили за комплетен пресврт и продолжување на европскиот сон.

Конференциска лига: Палас со една нога во финалето, Стразбур бара „чудо“!

Во Лигата на конференциите, ситуацијата изгледа нешто појасна за дел од фаворитите. Кристал Палас е во одлична позиција по убедливиот триумф од 3:1 на гостувањето кај Шахтјор Доњецк и вечерва пред своите навивачи само треба да ја потврди доминацијата.

Многу понеизвесно се очекува да биде на дуелот меѓу Стразбур и Рајо Ваљекано. Шпанскиот претставник носи минимална предност од еден гол во Франција, што гарантира максимална борбеност кај домаќинот кој ќе се обиде да ја надополни разликата и да го елиминира тимот од Мадрид.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести