Други спортови Останато

Формула 1 ги менува правилата по три трки!

Неочекуваната пауза во Формула 1, донесе низа на важни промени во правилата, посебно кога станува збор за погонските единици.

Формула 1 во новата сезона влезе во потполно нова техничка фаза, со големи промени во конструкцијата на болидот. Погонските единици се рамномерно поделени, 50 проценти од силата доаѓа од моторот со внатрешно согорување, 50 проценти од електричниот систем. Ова предизвика негодување кај возачите, кои сметаат дека нивните возачки вештини не доаѓаат до израз, а најгласен беше Макс Верстапен.

Новите правила ќе стапат на сила од Гранд При трката за Мајами.

Квалификации без „штедење енергија“

Целта на измените во квалификациите е да се поттикнат возачите да возат со максимален интензитет, без потреба од тактичко штедење на енергијата.

  • Максималната енергија на батеријата е намалена од 8MJ на 7MJ.

  • Зголемена е количината на енергија што може да се поврати без користење на батеријата (од 250kW на 350kW).

  • Со ова се скратува времето потребно за регенерација на енергијата, што овозможува поагресивно возење во текот на целиот квалификациски круг.

Поголема безбедност за време на трката

Една од главните причини за овие измени е безбедноста, по серијата опасни ситуации настанати поради големите разлики во брзината меѓу болидите на патеката.

  • Максималниот „boost“ е ограничен на 150kW.

  • Електричната моќност при излезот од кривините може да достигне до 350kW.

  • Во останатите делови од патеката, таа е ограничена на 250kW.

Овие мерки треба да ги спречат големите осцилации во перформансите и да го намалат ризикот од несреќи.

Посебни мерки за дождливи услови

Иако оваа сезона сè уште немаше трки по дожд, ФИА реагираше превентивно:

  • Се зголемува температурата во грејачите на гуми за подобро триење и прилепување на асфалтот.

  • Се намалува силата на електричниот мотор со цел да се подобри контролата врз болидот во лизгави услови.

Промени при стартот на трката

Стартот на трката е исто така означен како критична точка, па затоа се воведуваат нови механизми:

  • Се воведува систем за детекција на слабо забрзување.

  • Автоматски може да се активира MGU-K компонентата за да се спречат опасни ситуации (на пример, доколку некој болид „заглави“ на стартот).

  • Ќе биде воведен и визуелен систем за предупредување.

Целта на овие мерки е да се минимизира ризикот од судири во првите секунди по гаснењето на семафорите.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести