Стратегот на Барселона, Ханси Флик, одби да бара оправдувања по поразот од Реал Мадрид во големото дерби „Ел Класико“, но отворено призна дека на неговите фудбалери им недостасувала енергија. Со двата погодоци на Килијан Мбапе, од кои одлучувачкиот пристигна во 87. минута, мадриѓаните ја прекинаа перфектната серија на Каталонците од девет последователни победи на стартот од Ла Лига.
Германскиот стратег истакна дека тимот покажал подобрување во второто полувреме, но за зачувување на позитивен исход недостасувале свежина и малку среќа.
„Разочарани сме. Првото полувреме не беше добро, но во второто, откако израмнивме на 1:1, бевме подобри и го контролиравме мечот. Ни недостасуваше малку среќа, но тоа е фудбалот. Реал играше одлично без топка и не ни оставаше многу простор, а кај нас евидентно се забележуваше замор. Ова ни е прв пораз во лигата по девет победи во низа, мораме да го прифатиме тоа бидејќи и поразите се дел од играта“, изјави Флик.
Иако медиумите го потенцираа згуснатиот распоред и исцрпувачките патувања на екипата во изминатите денови, Флик категорично одби тоа да го искористи како алиби за неуспехот.
„Вие ги гледате само натпреварите, а меѓу нив имаме само по два дена. Навистина е премногу, но не сакам да зборувам за тоа кога губиме. Кога победуваме е вистинскиот момент за такви теми, зашто вака се добива впечаток дека барате изговори. А јас немам изговори и не ги прифаќам! Вистина е дека денес не бевме свежи и тоа мора итно да го промениме. Пред репрезентативната пауза нè чекаат уште три меча. Секој поединец мора да носи вистински одлуки кога е во прашање регенерацијата квалитетно да се храни и добро да спие. Тоа им е професија и мора одговорно да си ја работат“, дециден е кормиларот на Барса.

