Наместо да чекаат да започне летниот преоден рок, вистинските шампиони навреме ги влечат потезите за да го сочуваат костурот на тимот и да обезбедат мир во куќата. Најновиот потег на најтрофејниот македонски клуб јасно покажува дека челниците на Вардар веќе се насочени кон европските предизвици што ги очекуваат ова лето.
Иако на програмата е уште последното коло од домашното првенство, раководството на Вардар веќе започна со реализација на стратегијата за следната сезона и официјално ја потврди обновената соработка со четири играчи.
Најважната вест за навивачите е останувањето на Горан Закариќ. Искусниот офанзивец, кој со своите партии и голови беше еден од главните архитекти во освојувањето на шампионската круна, стави параф на нов договор и ќе продолжи да го предводи нападот на Вардар.
Покрај него, верноста кон клубот ја продолжија уште тројца играчи. Својот потпис на новите договори го ставија голманот Методија Велковски, дефанзивецот Ненад Мишковски како и фудбалерот од средниот ред Филип Дурански.

