Меѓународен фудбал Фудбал

ФК Партизан не доби лиценца за во Европа!

Кризата во „Хумска“ добива драматични размери откако во јавноста излезе веста дека белградски Партизан е одбиен за европска лиценца за претстојната сезона. Иако раководството на клубот беше убедено дека финансиските пречки се минато, надлежната комисија при Фудбалскиот сојуз на Србија во прв степен ја отфрли документацијата на „парниот валјак“ поради сериозни административни и финансиски пропусти.

Имено, извори блиски до федерацијата тврдат дека клубот не испочитувал одредени клучни рокови поврзани со мониторингот на УЕФА. Овој развој на настаните е вистински шок ако се земе предвид дека кон крајот на март, со продажбата на Андреј Костиќ во Милан за 3,5 милиони евра, се чинеше дека е обезбедена неопходната финансиска инекција.  Сепак, очигледно е дека ниту тие средства, заедно со дополнителните 1,2 милиони евра кои требаше да се соберат, не биле доволни за да се задоволат строгите критериуми.

За црно-белите сега претстои период на неизвесност и правна битка. Клубот има право на жалба до второстепениот орган, а конечната одлука која ќе ја одреди судбината на Партизан во меѓународните натпреварувања се очекува во текот на мај. Доколку жалбата не биде прифатена, белградскиот гигант би можел да се соочи со една од најтешките казни во својата историја, целосно отсуство од европската сцена, што дополнително би ја продлабочило веќе алармантната финансиска и резултатска дупка во која се наоѓа клубот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести