Француската Лига 1 добива нов претендент на врвот. Под диригентската палка на поранешната бразилска ѕвезда Филипе Луис, тимот на Монако влезе во одлична серија на стартот од новата сезона и јасно стави до знаење дека ќе биде најсериозниот предизвикувач на ПСЖ. По спектакуларната победа над европскиот првак среде „Паркот на принцовите“ (2:1), „кнезовите“ вечерва од 20:45 часот на домашен терен против Ленс ќе бркаат нови три бода за зацврстување на лидерската позиција.
Главниот офанзивец во составот на Луис во моментов е младиот германски напаѓач Парис Брунер, кој по повредата на Флорин Балогун ја искористи шансата и експлодираше со пет погодоци во сите натпреварувања. Сепак, покрај голот за реми (1:1) против Стразбур изминатиот викенд, Брунер се најде во центарот на скандал поради непримерната прослава кон противничките навивачи, за што му се заканува и суспензија од лигата. Сепак, неговиот тренер веднаш застана во негова заштита пред вечерашниот дуел:
„Тој е исклучително емотивен и страстен фудбалер. Направи грешка за време на прославата, но веднаш сфати што стори и јавно се извини. Клубот ги сфаќа овие работи многу сериозно, а тој научи важна лекција и сигурен сум дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори“, истакна Луис.
Додека во Монте Карло владее победничка еуфорија, нивниот вечерашен противник Ленс пристигнува по вистински земјотрес во клубот. Раководството неочекувано му врачи отказ на германскиот стратег Дино Топмелер поради нарушени односи во соблекувалната, и покрај тоа што тој сезонава веќе го освои Суперкупот на Франција. Кормилото привремено го презеде Јаник Каузак, чиј дебитантски испит на клупата ќе биде токму пеколното гостување на Кнежевството.

