По авантурата во Унгарија, носејќи го дресот на Татабања, Филип Талески повторно ќе игра на македонско тло. Поранешниот репрезентативец стави потпис на договор со амбициозниот состав ГРК Охрид, кој беше освојувач на ЕХФ Европскиот куп во минатата сезона.
“Потписот за ГРК Охрид за мене претставува нов, голем предизвик и исклучително мотивирачки проект. Клубот покажа огромна желба, сериозна визија и амбиција кои целосно се поклопуваат со моите лични и спортски цели. Среќен сум што ќе го носам дресот на Охрид, клуб кој незапирливо расте и има фантастична публика. Охрид заслужува големи ракометни успеси, а јас сум тука да го дадам својот максимум на секој натпревар за да ги оствариме зацртаните цели на клубот како во домашното првенство, така и на меѓународна сцена.” изјави Филип Талески.
Охриѓани со ангажирање на познато име со големо искуство во домашниот, но и интернационалниот ракомет, повторно, ќе се обидат да стигнат до височините на европскиот ракомет. Сино-белите и во сезоната 2026/27 ќе играат во ЕХФ Европскиот куп.

