ФИФА остро реагираше на последните написи поврзани со претседателот Џани Инфантино, оценувајќи дека станува збор за планиран и континуиран обид за поткопување на авторитетот на организацијата и нејзиниот прв човек.
Реакцијата следува откако „Телеграф“ објави дека УЕФА исплатила шестцифрен износ на вработена која била во романтична врска со Инфантино во периодот додека тој бил генерален секретар на европската организација. Весникот дополнително објави дека УЕФА би можела да отвори истрага за случајот. Од ФИФА ги отфрлаат наводите и велат дека во последните објави има „неосновани и очигледно неточни тврдења“, нагласувајќи дека шпекулациите не треба да се претставуваат како факти.
Светската фудбалска централа истовремено застана цврсто зад Инфантино, посочувајќи дека неговите промени во светскиот фудбал неизбежно ги засегаат постојните интереси. Од организацијата порачаа дека ќе прифатат легитимен надзор, но нема да дозволат искривување на фактите и ширење на неосновани сомнежи.
„ФИФА нема да биде одвлечена од својата мисија“, се наведува во соопштението, во кое се додава дека фокусот останува на работата со 211-те членки и на понатамошниот развој на фудбалот на глобално ниво.

