Меѓународен фудбал Фудбал

ФИФА сака Мундијал со неверојатни 66 репрезентации?!

Најголемата светска фудбалска сцена би можела да доживее досега најрадикална трансформација за Светското првенство во 2030 година. Светската куќа на фудбалот ФИФА веќе сериозно расправа за проширување на мундијалскиот формат на дури 66 национални репрезентации. Оваа вест доаѓа на само три недели пред почетокот на претстојниот Мундијал во Северна Америка. Таму за првпат бројот на учесници ќе се зголеми од 32 на 48 селекции.

Предлогот за енормно зголемување на учесниците во последните неколку недели доби огромна поддршка од неколку големи сојузи. Првичната радикална идеја беше поднесена од јужноамериканската конфедерација КОНМЕБОЛ со цел поголем пристап до елитното натпреварување. Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, го гледа ова како идеален начин за промоција на глобалната фудбалска инклузивност. На претстојниот турнир годинава веќе ќе дебитираат селекции како Курасао, Зеленортските Острови, Узбекистан и Јордан.

Домаќини на историскиот Мундијал во 2030 година треба да бидат Шпанија, Португалија и Мароко. Дополнителни славенички натпревари ќе се одиграат и во Аргентина, Уругвај и Парагвај. Сепак, евентуалното огромно проширување ќе создаде сериозен притисок врз комплетната инфраструктура на земјите организатори. Во Шпанија ситуацијата веќе се комплицира, бидејќи Малага наводно се повлече од трката за домаќинство. Статусот на култните стадиони „Сан Мамес“ и „Реале Арена“ во моментов останува целосно неизвесен.

ФИФА нема да ја дефинира конечната структура сè додека не заврши финалето на Мундијалот на 19 јули годинава. Од друга страна, нема да има промени за новото Светско клупско првенство. ФИФА дефинитивно се откажа од идејата ова клупско натпреварување да се одржува на секои две години. Поради пренатрупаниот календар и здравјето на играчите, следниот клупски Мундијал е планиран дури за 2029 година.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.