ФИФА и официјално покрена дисциплинска постапка за инцидентите кои се случија по завршувањето на финалниот натпревар на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина. Под истрага на Дисциплинската комисија се најдоа петорица директни учесници, како и Фудбалската федерација на Аргентина.
На списокот обвинети се наоѓаат аргентинските репрезентативци Леандро Паредес, Науел Молина и Тијаго Алмада, членот на стручниот штаб Роберто Ајала, како и шпанскиот репрезентативец Гави. Постапката против Молина, Паредес и Ајала е покрената за можна агресија и физички инциденти, додека Алмада, Молина и Гави се соочуваат со пријави за неспортско однесување на теренот.
Покрај поединците, под сериозен удар е и Аргентинската фудбалска федерација. Таа се соочува со обвиненија за неколку прекршоци на Дисциплинскиот кодекс, меѓу кои се дискриминаторски и расистички скандирања од трибините, доцнење на стартот на мечевите, истакнување несоодветни пораки, фрлање предмети на теренот и прекршување на безбедносните протоколи.
Од ФИФА потврдија дека на сите обвинети им е даден рок да го изнесат својот став и одбрана, по што Дисциплинската комисија ќе ги донесе конечните одлуки за евентуалните суспензии и парични казни.

