Големиот триумф на Аргентина над Англија 2:1 и пласманот во финалето на Светското првенство останаа во сенка на сериозен политички инцидент кој би можел скапо да ги чини „гаучосите“. ФИФА официјално потврди дека нејзината Дисциплинска комисија покренала истрага против аргентинската репрезентација поради кршење на правилата за политичка неутралност.
Причина за ваквата реакција е потегот на неколку аргентински фудбалери кои по завршувањето на полуфиналниот меч развија транспарент со натпис „Малвините се аргентински“. Со ова тие повторно го отворија едно од најчувствителните територијални и политички прашања меѓу Аргентина и Велика Британија околу суверенитетот на Фолкландските Острови. Од седиштето на ФИФА порачаа дека детално ќе ги анализираат сите официјални извештаи и докази од натпреварот пред да донесат одлука за конкретни казни.
Гестот на фудбалерите веднаш предизвика лавина од гневни реакции во Велика Британија. Британските политичари и претставници на владата побараа итна и најостра реакција, нагласувајќи дека спортот не смее да се користи за испраќање политички пораки, а дел од нив побараа инволвираните играчи да бидат суспендирани за големото финале.
Од друга страна, државниот врв на Аргентина веднаш застана во одбрана на своите спортски херои. Претседателот на државата, Хавиер Милеи, изјави дека фудбалерите реагирале емотивно по големата победа и дека транспарентот го пренесува ставот на огромниот дел од аргентинската јавност, повторувајќи дека земјата ова прашање ќе продолжи да го решава исклучиво по дипломатски пат. Поддршка преку социјалните мрежи испрати и потпретседателката Викторија Вилјаруел, која порача дека островите се неодвоив дел од нивниот национален идентитет.
Ова не е првпат Аргентина да се најде на тапет кај ФИФА за истата тема. Сличен инцидент се случи и во 2014 година, кога куќата на фудбалот изрече парична казна поради истакнување на идентична порака пред пријателски натпревар. Останува да се види дали ФИФА и овојпат ќе остане само на парична санкција или ќе посегне по драстични мерки кои би можеле сериозно да го ослабнат тимот пред финалната пресметка против Шпанија.

