Кога фудбалот ќе се спои со светската музичка сцена, резултатот е секогаш магија која ги надминува границите на спортските терени. Овогодинешното Светско првенство ветува дека ќе биде празник не само за очите на љубителите на спортот, туку и за ушите на милиони фанови ширум планетата.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) официјално ја претстави новата химна за претстојното првенство, насловена како „Dai Dai“ (Ајде, ајде). Оваа енергична композиција е плод на соработката помеѓу латино-иконата Шакира и нигериската суперѕвезда Бурна Бој. Од ФИФА истакнуваат дека песната е автентично чествување на фудбалската култура и глобалното единство, спојувајќи ги специфичните звуци на два различни континенти во еден модерен ритам.
За Шакира ова е продолжување на нејзиното мундијалско наследство, по легендарните хитови „Waka Waka“ и „La La La“, а интересен е и хуманитарниот аспект. сите приходи од стриминг платформите ќе бидат донирани во Глобалниот фонд на ФИФА за граѓанско образование.
Но, изненадувањата не застануваат тука. ФИФА најави невиден спектакл за финалето на 19 јули во Њу Џерси. За време на полувремето на големата завршница, на сцената заедно ќе се појават Шакира, поп-кралицата Мадона и планетарно популарната кеј-поп група BTS. Овој ѕвезден состав ветува шоу кое ќе го засени сè она што досега сме го виделе на фудбалските стадиони, претворајќи го финалето во глобален културен настан на годината.

