Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

ФИФА и Инфантино се откажаа под огромниот притисок!

Светската куќа на фудбалот ФИФА и официјално се откажа од реализацијата на контроверзниот проект „ФИФА Форвард Ентерпрајз“, откако претседателот Џани Инфантино потврди дека предлогот предизвикал раздори кои веќе не се во согласност со нејзината првична цел. По жестоките реакции и заканите за бојкот од страна на УЕФА, КОНКАКАФ и Азиската конфедерација, раководството на ФИФА одлучи целосно да ја повлече идејата за влез на приватен капитал.

Според официјалното соопштение, целта на проектот била дополнително финансиски да ги зајакне националните сојузи ширум светот, посебно во земјите каде што поддршката е најпотребна. Иако првично било предвидено планот да се спроведе само со поддршка од мнозинството членки и по широка дебата со сите конфедерации, по деталните разгледувања стана јасно дека иницијативата донесе незапомнети поделби во фудбалскиот свет.

„Нашата цел отсекогаш била, и засекогаш ќе биде, да го обединуваме и унапредуваме фудбалот“, порача Инфантино, потврдувајќи дека предлогот за приватизација е дефинитивно архивиран. Првиот човек на ФИФА додаде дека во следните недели ќе иницира нови средби со сите загрижени страни за да се продолжи дијалогот во дух на заеднички интерес за развојот на спортската игра.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.