Светското првенство во фудбал едвај започна, а ФИФА веќе се соочува со сериозни критики во јавноста поради сцените кои сигурно не сакаше да ги види на ТВ-екраните. На натпреварот меѓу Јужна Кореја и Чешка беа забележани огромни празни сектори на трибините, иако официјалниот извештај вели дека на стадионот имало дури 44.985 гледачи од вкупниот капацитет од 45.664 места. Особено бодеа во очи празните ВИП и премиум ложи, каде што цените на билетите достигнуваа астрономски 5.000 долари.
Ваквата слика веднаш предизвика бура од реакции на социјалните мрежи, каде што навивачите ја обвинија светската куќа на фудбалот дека поради чиста алчност ги избрка вистинските фанови од стадионите и ги остави најскапите седишта празни. Притисокот врз ФИФА доаѓа и од официјални американски институции. Обвинителите од сојузните држави Њујорк и Њу Џерси веќе покренаа истрага за начинот на пуштање во продажба на влезниците, сомневајќи се дека навивачите биле доведени во заблуда, што придонело за драстичен скок на цените на пазарот. Со критики минатиот месец излезе и американскиот претседател Доналд Трамп, кој во интервју за „Њујорк Пост“ отворено порача дека цените за овој шампионат се претерано високи.
Од друга страна, ФИФА целосно ги игнорира лошите кадри од трибините и упорно тврди дека интересот за овој Мундијал е рекорден. Првиот човек на организацијата, Џани Инфантино, ја одбрани скапата тарифа со изговор дека цените се на исто ниво како и за сите останати големи спортски настани во светот. Тој нагласи дека веќе се продадени над шест милиони влезници и дека побарувачката ги надминала нивните првични очекувања за дури десет пати. Останува да се види дали ФИФА ќе преземе итни мерки во продолжение од турнирот или празните столчиња во ложите ќе станат неофицијален симбол на ова Светско првенство.
🚨 #FIFA World Cup ticket prices and its pricing model are a disgrace.
Why? FIFA decided die-hard, working class fans don’t matter anymore.
There were thousands of empty seats for South Korea vs Czech Republic at Akron Stadium in Guadalajara, Mexico, which is the second… pic.twitter.com/256Zj7WJvd
— OrbitWinder (@OrbitWinder) June 12, 2026

